Ивановски во трилер натпревар до ново четвртфинале во Монастир

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски по тешка борба се пласираше во четвртфиналето на ИТФ фјучрсот во туниски Монастир. Ивановски во осминафиналето славеше над Италијанецот Андреа Пичоне по пресврт со 2-1, по сетови 4-6, 7-6 и 7-5.

Натпреварот кој требаше да биде одигран уште во четвртокот на програмата во тунискиот град беше закажан дури за денеска поради лошите временски услови и обилните врнежи од дожд кои го зафатија Монастир.

Во првиот сет Италијанецот одигра далеку подобро и на крајот го освои добивајќи го со 6-4. Во вториот сет двајцата тенисери ни приредија огромно борба, која на крајот во тај-брејк му припадна на нашиот Ивановски кој израмни на 1-1. Големата борба продолжи и во третиот сет во кој подобро се снајде нашиот Ивановски за ново четвртфинале во тунискиот град.

Доколку дозволат временскиот услови подоцна денеска Ивановски ќе го одигра и четвртфиналето во кое за противник ќе има уште еден Италијанец, Федерико Јанаконе кој е седми носител на турнирот.

Се вчитува...