Избран новиот тренер на Енис Барди

Леванте експресно ја заврши потрагата по нов тренер по врачениот отказ на Пако Лопез, при што изборот на управата на прволигашот од Валенсија падна врз Хави Переира. Енис Барди, кој остана во Шпанија и поради повреда ќе ги пропушти октомвриските квалификациски натпревари, најдоцна до крајот на неделава и официјално ќе добие нов „шеф на струката“.

Станува збор за 55-годишен стратег кој во моментов работи во кинескиот клуб Хенан. Переира начелно ги договорил условите за соработка со Леванте и чека само на раскинот со кинескиот тим за и официјално да потпише договор со шпанскиот прволигаш. Переира ќе потпише договор до крајот на сезонава, што автоматски ќе се продолжи за уште една година доколку Леванте опстане во елитното друштво.

Хави Переира најголемиот дел од тренерската кариера беше асистент во клубовите во кои работеше. Меѓу нив, тој од 2011 до 2012 година беше дел од стручниот штаб на Леванте.

Тимот на Енис Барди не знае за триумф во првите осум кола од Ла Лига (четири реми и четири порази), по што следеше отказ за тренерот Пако Лопез. Переира ќе дебитира на клупата на Леванте на домашниот дуел со Хетафе, уште една екипа што нема триумф од стартот на новата сезона.

Се вчитува...