Издржа срце вардарско – Келн пак ќе биде обоен во црвено-црно

Вардар трета година по ред ќе игра на фајналфор турнирот во Келн откако македонскиот првак во инфаркт-натпревар успеа да ја одбрани предноста од осум гола од првиот меч во Скопје. Денешниот реванш во Унгарија против Пик Сегед заврши со резултат 29-25, исход што повторно го носи македонскиот тим на завршницата од елитното европско натпреварување. Хаотичното прво полувреме ќе остане во заборав, најважно е што се издржа кога беше најтешко и што Келн повторно ќе биде обоен во црвено-црно, бидејќи нема сомнеж дека „вардарци“ повторно ќе имаат поддршка од трибините на „Ланксес арена“.

Домаќините нервозно ги одиграа првите неколку акции во нападот, но уште од самиот старт стана јасно дека Пик Сегед ќе игра далеку поцврство во одбраната во однос на првиот натпревар. „Црвено-црните’ имаа водство од 1-2, потоа и од 3-4, но потоа беа исфрлени од ритам откако Мораеш доби исклучување поради приговор. Предноста од играч повеќе лесно ја користеше Бомбач, со реализации или додавања до пикер, па Сегед набрзина поведе со 7-4. Во таборот на „вардарци“ завладеа нервоза во нападот, Чупиќ и Скубе промашуваа од одлични позиции, а негативата се зголемуваше од минута во минута. Парондо побара тајмаут, но ситуацијата на теренот не се промени, Сегед предводен од Бомбач (6/7 во првото полувреме) имаше и девет гола предност, за Дибиров со гол пред самиот крај на полувремето да ги постави конечните 17-9 по 30 минути игра.

Советите на Парондо вродија со плод, па Вардар го отвори второто полувреме со два брзи гола. Стоилов постигна уште два погодоци, но потоа повторно се влезе во серија на грешки, по што Сегед во 37. минута пак поведе со девет гола разлика (22-13). Дибиров постигна прекрасен погодок „од мртов агол“, а улогата на лидер вечерва ја презеде Карачиќ, кој со три погодоци во рок од пет-шест минути ја одржуваше разликата меѓу седум и осум гола. Вардар дојде и до „минус шест“, 25-19, но тогаш исклучување заработи Шишкарев. Рацете на домашните ракометари почнаа да се тресат, Сигурмансон промаши пенал, потоа од зицер непрецизен беше и Бомбач, а на спротивната страна Македа поради играње со нога доби заслужено исклучување.

Стоилов даде гол за 25-20 на 14 минути до крајот, а во истата акција Бахниди беше казнет за брутален старт врз Игор Карачиќ. Предноста од двајца играчи повеќе беше крунисана со лесен гол на Дибиров од крило, по што Пастор беше принуден да побара тајмаут откако предноста на неговиот тим беше преполовена за повеќе од 17 минути игра (25-21). За мизеријата на домашниот состав да биде комплетна, во финишот се разбрани Милосављев, ставајќи точка на големиот успех. Вардар се доближи до 26-24, па прославата можеше да почне, откако конечниот резултат 29-25 ги остави домашните ракометари и навивачи во шок по фантастичното прво полувреме.

Иван Карачиќ беше најефикасен во таборот на Вардар со осум гола, пет пати прецизен беше Криштопанс, четири гола постигна Дибиров, а три капитенот Стоилов.

Се вчитува...