Вардар има извонредна предност од 13-10 по првото полувреме на мечот против Кил, триесет минути што ги одбележа фантастичното издание на голманот Мартин Томовски и неговите 11 интервенции. „Вардарци“ играат одлично,пред се во одбраната, а во нападот се предводени од Тимур Дибиров со повеќе од половина од головите на македонскиот првак (седум). Германците делуваат загубено во извонредната атмосфера, а доколку успее да го задржи ова темпо Вардар има големи шанси да го земе скалпот на фаворитот во групата.
Мечот почна одлично за Вардар, со одбранет пенал на Мартин Томовски при обидот на Екберг. Македонскиот првак своето прво водство на мечот го имаше кога Георгиевски погоди од контранапад за 2-1, за бодрени од фанатичната публика набрзина потоа „вардарци“ да стигнат и до 3-1 преку Дибиров. Томовски продолжи со извонредни интервенции, бранејќи уште два зицери при 3-1, не дозволувајќи му на противникот да се врати. Тото промаши два зицери од пивот пропуштајќи можност за уште поубедливо водство.
Нападот не функционираше, но при водство од 3-2 Томовски одбрани уште еден зицер од контранапад на „зебрите“. Вујовиќ тргна со седум на шест, но веднаш беше казнет кога голманот Ландин погоди од сопствениот шестерец за 3-3, принудувајќи го тренерот на Вардар на тајмаут. По тајмаутот „црвено-црните“ пак се обидоа со седум на шест, носледеше исклучување на Диало што ги искомпликува плановите на Вујовиќ.
Кил предводен од пивотот Пекелер за момент поведе со 6-7, но предноста од двајца играчи повеќе беше одлично искористена и Вардар повторно поведе, овојпат со 9-8. Талески шутираше над гредата не успевајќи да ја зголеми позитивата, но по новиот блесок на Томовски и головите на Дибиров „црвено-црните“ ја одржуваа минималната предност. Цврстата одбрана донесе лесен гол од контранапад на Талески за 12-10, за нова еуфорија меѓу навивачите на две минути до крајот на полувремето. По новата одбрана на Томовски, точка на ова извонредно полувреме стави Нијокас со гол за 13-10.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА