Излезете, уживајте и… исполнете го сонот за МУНДИЈАЛ на МАКЕДОНИЈА!

ЕКИПА во Гент, Белгија
Горан Бошев

„Излезете на теренот, и уживајте“. Со овие зборови селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски ќе ги испрати на теренот вечерва од 20:45 часот во Гент фудбалерите на пресметка со првиот фаворит Белгија. Барем така најави на вчерашната прес конференција пред овој исклучително важен натпревар.

Од овој натпревар ќе зависат многу работи околу првото место во групата. Остане ли Македонија непоразена, тогаш првото место се насмевнува. Нашите национали се со веќе обезбден бараж, но зошто сонот да не стане јаве за цела држава, па следната година да играме во друштво со најдобрите светски селекции.

После многу години порази и понижувања, дојде време Македонија во последните години да се бори за големи натпреварувања. Прво пласман на младинско европско првенство, потоа и на сениорско, па чекор до пласман и на Мундијалот во Катар, и сега одново во игра за Светско првенство. Прво место во групата после пет одиграни кола, кој можеше да претпостави. Но, оваа генерација покажа дека може сонот да го претвори во јаве, а вечерва во Гент треба да го потврди тоа.

„Си го живееме нашиот сон за Светско првенство, и тоа не може никој да ни го одземе“, рече Благоја Милевски на вчерашната прес-конференција, и веднаш потоа надополни:

„Се надевам дека ќе останеме конкурентни до крајот на овие квалификации. Горд сум на своите фудбалери  на сето она што го покажаа во последните две години, со пласманот во Б сегментот во Лигата на Нации, со конкурентноста во нашата група, со обезбеден плеј-оф на Светското првенство, на сето тоа морам да бидам горд од сето она што го покажуваат. Секако дека енергијата која владее во нашиот тим е движечка сила која не води напред, и правецот кој не движи во иднина“, изјави Милевски.

Сепак, стоејќи цврсто на земја, Милевски напоменува дека Македонија вечерва игра со главниот фаворит во групата, и со силна репрезентација.

„Максимален респект кон Белгија, која е главен фаворит во нашата група, со одличен играчки ростер. Меѓутоа никој не може да ни ја одземе шансата. Овој е правецот по кој треба да се движиме понатаму, и кој ни дава надеж дека можеме да се пласираме на Светско првенство“, вели Милевски.

Македонија вечерва ќе има поддршка и од 1000 навивачи, кои ќе присуствуваат на трибините и ќе ја бодрат репрезентацијата на „Планет Груп Арена“ во Гент.

Се вчитува...