Изненадување во Куманово: Чаир до историска победа на дебито во Првата лига

Чаир 2030 испиша клупска историја откако новиот прволигаш во дебито во елитното друштво ја забележа и првата победа, славејќи на гостувањето против Куманово со резултат 79-87. Кумановци важеа за фаворити поради домашниот терен и статусот на стабилни прволигаши од претходните години, но денеска одиграа далеку под своето ниво, не најдоа начин да го запрат одличниот напад на Чаир и на крајот претрпеа заслужен пораз.

Дуелот беше израмнет од самиот почеток, кумановци поведоа со 12-8 и 18-15, но гостите се вратија и првиот период заврши со нерешени 23-23. Клучната серија беше направена во втората четвртина, кога по водството на Куманово од 28-25 следеше серија на Чаир од 15-0. Гостинските кошаркари ја презедоа контролата над резултатот, на одмор заминувајќи со водство од 38-44. Кумановци на стартот од третата четвртина израмнија на 44-44, но следеше нова мини-серија со која гостинот се одлепи резултатски, по што Чаир знаеше како да ја задржи предноста до крајот и да слави со конечни 79-87.

Стротер со 27 поени беше најефикасен во победничкиот тим, каде Мохамед реализираше 18 поени. Кај кумановци најдобри поединци во денешниот пораз беа Нацевски и Јузбашиќ со по 17 постигнати поени.

Се вчитува...