Изненадување во Скопје: Дебитантот Чаир му го зема скалпот на вицешампионот Пелистер

Чаир 2030 направи сензација во последниот натпревар од 17. коло во Првата лига откако на домашен терен во Чаир славеше против фаворизираниот вицешампион Пелистер со 88-77. Дебитантот кој имаше и негатива од осум поени во втората четвртина одигра одличен натпревар во второто полувреме во кое го сведе АБА2 лигашот на само 17 постигнати поени во третата четвртина, беше расположен во реализацијата во нападот и сосема заслужено стигна до петтата победа во сезоната.

Пелистер успеа да го наметне своето темпо на отварањето на натпреварот и да ја превземе резултатската иницијатива за 6-12, но не успеа и да ја задржи. Чаир на крилја на мотивираниот Мустафица се одржуваше во игра, а нему му се приклучија и станските засилувања па по 10. минути игра битолчани имаа предност од само 19-21. Втората четвртина беше како пресликана, Пелистер повторно стигна до значајна предност од 25-33, имаше и напад за двоцифрено водство, но откако го испушти следеше казна од чаирчани кои влегоа во ритам. Одиграа одлично во одбраната каде до крајот на полувремето дозволија само шест коша, а реализираа 17 за предност од 42-39.

Ритамот на Чаир 2030 продолжи и во второто полувреме за двоцифрена предност (56-46), а на Пелистер не му помогна ниту пресингот по цел терен. Добриот проток на топката донесе отворени обиди за избраниците на Рамадан кои кошаркарите во бело знаеја да ги искористат, „зелено-белите“ не ги служеше реализацијата за три поени па по 30. минути игра на семафорот стоеше резултат 70-56. Битолчани продолжија да се мачат во обидите од поле, а со серијата која ја започна Александровски скопскиот тим стигна до највисоките 80-60 на пет минути до крајот на средбата со што ги реши дилемите за победник.

Со 28 поени и 15 скока лидер на Чаир 2030 беше Мустафица, а него го следеа Мохамед со 22 поени и 10 скока и Александровски со 18 поени и 10 асистенции. Карутерс беше најрасположен кај Пелистер со 26 поени и 6 асистенции, а 16 поени и 7 асистенции додаде Стајиќ.

Се вчитува...