Ја внесе Германија во полуфинале, и веднаш со трансфер во ЛА Лејкерс од каде лани го „избркаа“

Германија не успеа да се избори за финале на Евробаскетот пред своите навивачи во Берлин по полуфиналниот пораз од Шпанија (91-96), и покрај извонредната партија на Денис Шрудер кој постигна 30 поени, дополнети и со осум асистенции.

Шрудер Евробаскетот го започна како слободен играч, без договор со клубот, но по извонредната изведба на шампионатот само една ноќ по поразот од Шпанија веднаш следеше потпис со клуб од НБА каде ги мина последните девет години. Изненадувањето е што тоа е ЛА Лејкерс, клубот со кој пред само една година се раздели во непријатни околности.

Германецот потпиша едногодишен договор вреден 2,4 милиони долари со Лејкерс каде ја мина и сезоната 2020/21. Стигна тогаш во размена со Оклахома, а медиумите пишуваа дека му е понудено четиригодишно продолжување на договорот на 84 милиони долари. Но, официјална понуда никогаш не доби и потпиша за Бостон за само 5,9 милиони долари за една сезона.

Сепак, во Бостон селтикс не се наметна па го разменија во Хјустон каде ја заврши сезоната и три месеци беше во потрага по нов клуб. Се до денешниот договор со ЛА Лејкерс.

Се вчитува...