Јакимовски: Тренерите постојано ме охрабруваат да превземам одговорност

Македонскиот интернационалец во редовите на Вашингтон Стејт, Андреј Јакимовски го одигра најдобриот натпревар во НЦАА лигата, откако беше еден од предводниците на својот состав во убедливата победа над Универзитетот Калифорнија, во вториот натпревар по враќање од повредата поради која пропушти две средби.

19-годишниот крилен играч беше блиску до трипл-дабл учинок, а натпреварот го заврши со 11 поени, 9 асистенции и 7 скока. По средбата, Јакимовски се најде во фокусот на локалните медиуми каде говореше за охрабрувачката улога на неговите тренери.

„Се обидувам да останам фокусиран иако последниот месец имав проблеми со повредите. Тренерот и помошниците постојано ме охрабруваат да преземам одговорност и сакам да ги послушам и испочитувам. Денеска имавме одличен тимски ефект и се надевам дека така ќе продолжиме. Многу ми е важно да го погодам првиот шут, потоа ми се крева самодовербата и многу е полесно. Убаво е тоа што се вратив на теренот, ми беше тешко кога не можев да играм и не можев да помогнам“ –  изјави Македонецот.

Се вчитува...