Јасикевичиус моли да остане во Барса: Ќе работам и за 90% помала плата…

Шарунас Јасикевичиус беше многу блиску до отказ од Барселона по новото фијаско во Евролигата и поразот од Реал Мадрид во полуфиналето на фајналфор турнирот во Каунас. Сега ситуацијата се промени и според последните информации Литванецот е многу блиску до останување на клупата на Барса, откако се согласил на драстично намалување на платата само за да не добие отказ.

Претседателот Лапорта веќе најавил значително намалување на буџетот за наредната сезона, што би значело дека сите членови кои се под договор ќе мора да се согласат на намалување на платата или да си заминат. И додека дел од клучните играчи на чело со Никола Миротиќ се подготвуваат за трансфери, Јасикевичиус дал сосема спротивен одговор.

„Шарунас ја смени ситуацијата откако ги изненади челниците со реакцијата на понудата за намалена плата. Тој практично им рече дека сака да остане без оглед на парите, дека би работел и за 10% од она што го заработува сезонава. Каталонците имаат финански проблеми за наредната сезона, на директорите им се допадна ваквиот пристап на тренерот и сега тој речиси сигурно ќе остане“, пишува каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“.

Јасикевичиус со бруто плата од 3,5 милиони евра е најплатен во европската кошарка сезонава, но повторно не ги оправда очекувањата останувајќи без посакуваниот трофеј во Евролигата.

Се вчитува...