Јоаким Лев „преживеа“ – останува на чело на Германија

Јоаким Лев ќе продолжи да ја извршува функцијата селектор на германската репрезентација откако Фудбалската федерација на оваа земја реши да не го промени кормиларот на националниот тим и покрај слабите резултати во последно време.

Германците забележаа само две победи на шесте средби во Лигата на Нации (двете против Украина), а по дебаклот на гостувањето против Шпанија (6-0) бројни поранешни „ѕвезди“ бараа Лев да биде сменет од функцијата.

Денешниот состанок на челниците на федерацијата со Лев и со директорот Бироф сепак не резултираше со отказ, откако селекторот ја доби поддршката да продолжи да ја извршува функцијата најмалку до ЕВРО 2021. Германците таму ги очекува „група на смртта“, дуели со Франција, Португалија и со Унгарија, па во зависност од резултатите на Германија на овој шампионат ќе биде решено дали Лев и по ова првенство ќе остане на чело на националниот тим.

Селекторот досега тврдоглаво стоеше на ставот дека нема намера да ги врати Томас Милер, Матс Хумелс и Џером Боатенг во националниот тим, а останува да се види дали сега ќе се премисли, во ситуација кога искуството на овие тројца фудбалери ќе му биде добредојдено на исклучително тешки натпревари.

Се вчитува...