Никола Јокиќ продолжува со импресивните изданија откако српскиот центар го забележа и четвртиот трипл-дабл во низа, овојпат во победата на домашен терен над Сакраменто од 117-96. Српскиот центар не инсистираше на шут, успеа да ги разигра соиграчите, па мечот го заврши со 14 поени, 14 скокови и 11 асистенции. Она што го прави Јокиќ уште поспецијален е фактот дека последните четири трипл-дабл учиноци ги оствари уште во третите четвртини од натпреварите, поигрувајќи си со противниците кои немаа одговор за него во рекетот. Јокиќ ја мина последната четвртина на клупата бидејќи триумфот беше осигуран, а интересно е што тројца кошаркари на Денвер беа поефикасни од Србинот на овој дуел, Мареј постигна 32, Гордон 17, а Колдвел Поуп 16 поени.
Нов трипл-дабл оствари и Лука Дончиќ, кој на својот 25. роденден го предводеше Далас до триумф во Торонто од 125-136. Словенецот имаше проблем со шутот од далечина (1/8), но сепак го заврши мечот со 30 поени,11 скокови и 16 асистенции. Она што е најимпресивно, Дончиќ го мина Леброн Џејмс на третото место на играчи со трипл-дабл натпревари со минимум 30 постигнати поени, па пред Лука сега се наоѓаат само Расел Вестбрук и Оскар Робертсон, со тоа што двајцата имаат над 1.000 мечеви во НБА, додека асот на Далас досега настапил само на 381 натпревар вонајсилната лига на светот.
Суперинтересно беше на градското дерби во Лос Анџелес, каде ЛА Лејкерс со неверојатен пресврт во последната четвртина славеше над клиперси со 112-116. Тимот на ЛА Клиперс по три четвртини имаше водство од 99-78, но потоа „езерџиите“ предводени од Леброн Џејмс влегоа во ритам и направија огромен пресврт, а интересно е што Леброн во таа последна четвртина постигна повеќе поени од целиот противнички тим (19-16 за Џејмс). Тој беше најефикасен на натпреварот со 34 поени, додека на спротивната страна Ленард со 26 и Харден со 23 беа први стрелци на ЛА клиперс.
Резултати НБА:
Индијана – Њу Орлеанс 123-114, Торонто – Далас 125-136, Чикаго – Кливленд 132-123 (по прод.), Минесота – Мемфис 110-101, Денвер – Сакраменто 117-96, ЛА Клиперс – ЛА Лејкерс 112-116.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА