Јокиќ трагичар – Денвер загуби од најслабиот тим во лигата и го прокоцка првото место

Денвер сериозно си го загрози првото место во Западната конференција откако во претпоследната рунда неочекувано загуби на домашен терен од Сан Антонио со 120-121. Актуелните прваци требаше само да слават на последните два меча над Сан Антонио и Мемфис на домашен терен за да бидат први во плејофот, но синоќешниот пораз сериозно ја закомпликува ситуацијата, сега Оклахома Сити, Минесота и Денвер сите имаат идентични 56-25 во пресрет на своите последни мечеви кои ќе го дадат изгледот на врвот во Западната конференција.

Овој пораз уште повеќе боли ако се знае дека Денвер во третата четвртина имаше огромни 23 поени предност (78-55), но во тие моменти дојде до огромно опуштање кај Јокиќ и соиграчи. Српскиот центар на крајот беше и трагичар на мечот, откако го промаши шутот за победа во самиот финиш. Мареј беше најефикасен кај Денвер со 35 поени, Јокиќ имаше 22 поени и 12 асистенции, додека Вембањама беше импресивен во победничкиот состав со 34 поени и 12 скокови.

Далас дефинитивно ќе го освои петтото место и во плејофот ќе нема предност на домашен терен против ЛА Клиперс откако маверикси неочекувано загубија на домашен терен од Детроит со 89-107. Дончиќ и Ирвинг не настапија за Далас на овој дуел, а гостите знаеја како да го искористат тоа и да стигнат до триумф предводени од Сасер со 24 поени.

Феникс го осигура седмото место откако во директната битка за плејин како гостин го совлада Сакраменто со 107-108. Сакраменто прокоцка дури 16 поени предност, за Феникс во самиот финиш да направи пресврт, стигнувајќи до триумф со слободното фрлање на Нуркиќ на 8,7 секунди до крајот. Дурент со 28 поени беше најдобар поединец кај Феникс, додека кај Сакраменто повторно блескаше Сабонис со 25 поени, 12 скокови и 9 асистенции.

ЛА Лејкерс се задржа на осмото место пред плејинот по триумфот во Мемфис од 120-123,меч на кој блескаа Леброн Џејмс со 37 поени и Ентони Дејвис со 36 поени и 14 скокови.

Резултати НБА:

Филаделфија – Орландо 125-113, Вашингтон – Чикаго 127-129, Бостон – Шарлот 131-98, Кливленд – Индијана 129-120, Њујорк – Бруклин 11-107, Мемфис – ЛА Лејкерс 120-123, Мајами – Торонто 125-103, Минесота – Атланта 109-106, Оклахома – Милвоки 125-107, Сан Антонио – Денвер 121-120, Далас – Детроит 89-107, Голден Стејт – Њу Орлеанс 109-114, Портланд – Хјустон 107-116, ЛА Клиперс – Јута 109-110, Сакраменто – Феникс 107-108.

Се вчитува...