Јончевски: Честитки до момците за победата, но работата не е завршена допрва следи Норвешка

Македонската кошаркарска репрезентација стигна и до втората победа во вториот натпревар од претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако на домашен терен славеше по целосен пресврт во последната четвртина против Словачка. Словаците беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, но Македонија одговори кога беше најпотребно.

Гостите во еден момент од последната четвртина имаа и предност од 11 поени, но гранитната одбрана која дозволи само еден поен на противникот за осум минути беше пресудна за победа. На неа и се приклучија и младите Димитријевиќ и Јакимовски па „црвено-жолтите“ стигнаа до голема победа.

Импресиите од натпреварот ги сподели селекторот Александар Јончевски кој вели дека и покрај тоа што нашата репрезентација не беше на врвот на задачата, победата е голема. Но, не очекуваат и уште два циклуси во кои ќе се сретнеме и со непоразената Норвешка.

„Пред се, ова беше многу тежок натпревар. Заморот можеби во нашата екипа повеќе се чувствуваше на стартот, затоа што имавме многу загубени топки. Нешто кое го договаравме да го спроведеме со Данска, тоа е да го минимизираме бројот на загубени топки, не успеавме. Загубивме девет топки до полувреме, тоа нè чинеше многу примени поени од транзиција и тоа не можевме да го надминеме во вториот дел.

Им честитам на момците што во овој циклус дојдоа до две многу важни победи во ситуација во која од четири тима, само еден оди понатаму. Меѓутоа, работата не е завршена затоа што и Норвешка е со ист статус како со нас. Ни претстојат уште два тешки циклуса.

Што се однесува до самиот овој натпревар, Словачка без разлика што имаше загубено дома од Норвешка, влезе доста мотивирана. Погодија 46% за три поени. Пробавме да ја смениме одбраната на полувреме, нешто функцонираше, ама не во целосна слика. На крајот среќен сум затоа што победивме, триумф за кој најзаслужни се играчите“, изјави Јончевски.

Се вчитува...