Јончевски: Да го искористиме домашниот терен за победа против Норвешка

Македонската кошаркарска репрезентација во вториот прозорец од претквалификациите за Евробаскетот 2025 силите ќе си ги одмери со Норвешка и Данска на домашен терен. Натпреварите ќе бидат одиграни во четврток и недела во салата „26ти Април“ во Гевгелија.

Очекувањата на селекторот Александар Јончевски се големи, победа против двете скандинавски држави за потврда на првото место кое е единственото кое води во следната фаза од натпреварувањето.

„Амбициите и пред овој циклус беа да се освои првото место бидејќи тоа е единственото кое води во следната фаза од квалификациите. Отворивме со две победи и нормално топката е префрлена на нашата страна со тоа што играме на домашен терен. Натпревар против Норвешка која има две победи и со голема разлика ги доби двата натпревара верувам дека ова ќе биде одлучувачки натпревар. Не дека доколку нешто се случи нема поправен, но мораме да го искористиме домашниот терен и да ја потврдиме победата против Данска“, вели Јончевски.

Македонија за натпреварите со Норвешка и Данска нема да може да смета на услугите на Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, едни од клучните играчи во првите два меча, но ќе смета на Ти-Џеј Шортс кој ќе дебитира во националниот дрес.

„Ги следевме доста неговите натпревари, имавме понуди и од други заинтереснирани за да добијат македонски пасош, но се одлучуваме за Шортс бидејќи има одлични квалитети на плејмејкерската позиција, а се одлучиваме да биде ваков играч бидејќи во овој циклус отсуствува Димитријевиќ и се надевам дека ќе го замени неговото отсуство.

Се разбира дека ќе бидеме ослабени бидејќи недостасуват двајца стартери. Шортс ќе проба да се вклопи во тимот, но сепак е новалија. Не ги познава играчите и ќе се обидеме да го вклопиме во системот кој го играме. Се надевам дека други играчи ќе успеат да го надополнат нивното отсуство како Војдан, Мекиќ, Магдевски…“, додава Јончевски.

Покрај тоа во тимот нема да биде и Кристијан Николов кој поради повреда на палецот на десната рака го очекува отсуство најмалку од еден месец.

Се вчитува...