Јончевски: Хендикеп ќе биде настапот без натурализиран играч, но одиме на победа против Данска и Словачка

Македонската кошаркарска репрезентација претквалификациите за Евробаскетот 2025 ги започнува во Данска каде на 25. август ќе биде одигран првиот натпревар од августскиот „прозорец“ на ФИБА. Комплетирање овој дел од претквалификациите ќе биде против селекцијата на Словачка, три дена подоцна во Скопје.

По подготовките во Маврово „црвено-жолтите“ одиграа подготвителен натпревар против селекцијата на Црна Гора, а по мечот во Бар се вратија назад во главниот град каде се приклучија и Ненад Димитиривски и Кристијан Николов.

„Имавме нецели две недели подготовки. Првата ја искористивме за базични подготовки во Маврово и успеавме да поставиме систем според играчите со кои располагаме во овој момент, бидејќи, знаеме дека дел од тие играчи не се појавија на овој собир поради оправдани причини, тоа се повреди“, вели Јончевски.

Македонија на мечевите против Данска и Словачка ќе настапи без натурализиран играч, нешто што не беше пракса во минатото, а истото претставува проблем за битката под обрачот каде имаме недостаток од квалитетни високи играчи.

„Првпат почнуваме едни квалификации за ЕП во кои немаме натурализиран играч, тоа ќе биде голем хендикеп за нас, особено што имаме дефицит на високи играчи и ќе се обидеме со она кое располагаме да одговориме на предизвикот Данска“.

„Одиме на победа на натпреварите. Со стручниот штаб работиме веќе подолго време на индивидуалните карактеристики на противникот. Во овие две-три недели Данците не одиграа пријателски натпревари, па ќе ги гледаме нивните претходни натпревари од квалификациите, против Косово и Норвешка. Знаеме со што располага противникот, имаат квалитетни играчи, можам да го издвојам Лудберг кој беше во НБА, а сега потпиша за евролигашот Виртус Болоња. Тој е најголемата опасност за противниците на Данска“, додава новиот предводник на „црвено-жолтите“.

Се вчитува...