Македонската кошаркарска репрезентација остана перфектна и по вториот претквалификациски прозорец за Евробаскетот 2025 откако на домашен терен во Гевгелија денеска „падна“ и Данска. Избраниците на Јончевски не се прославија во нападот, но го имаат одличниот Ти-Џеј Шортс кој со 33 поени, 6 асистенции и 5 скока ги предводеше „црвено-жолтите“.
Токму за тоа говореше и селектор кој и се заблагодари и на гевгелиската публика за одличната поддршка.
„Данците го контролираа натпреварот, па и да победеа ќе беше заслужено. На крајот имавме малку среќа бидејќи една топка решаваше. По серијата порази, не очекувавме да тргнеме со четири победи кон Евробаскетот. Вечерва одигравме одлична одбрана, но се мачевме во нападот. Ти-Џеј Шортс креираше поени од непостоечка ситуација, беше мотор на екипа, а згора се работи за скромно момче кое одлично се вклопи. Ова беше исклучително тежок меч, бидејќи уште на загревање мислевме дека работата е завршена бидејќи позначаен ни беше дуелот со Норвежаните. Притисокот беше врз нас, а тие беа растоварени, што се виде на паркетот. Погодуваа тешки шутеви, ни правеа проблеми под кошевите. Се вратиме благодарение на публиката, успеавме да ја пребродиме кризата и да славиме. Благодарен сум за поддршката, не сум видел вакво пеколно навивање“, вели Јончевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА