Долгогодишниот македонски репрезентативец Дејан Јовановски, преку отворено писмо го поздравува изборот на Перо Антиќ за нов претседател на КФСМ, на местото на Петар Наумоски. Јовановски, кој и самиот кратко време беше дел од тимот на Наумоски пред да си замине поради несогласувања со екс-претседателот, упатува и низа предлози со чија реализација кошарката може да почне да се движи напред.
Ставот на Дејан Јовановски испратен до нашата редакција го пренесуваме во целост:
ЕКИПА vs. ПОЕДИНЕЦ
Во една декада може да се случи голем подем или пад, од видео состанок пред натпревар за влез во финале до неуспешен исход во претквалификации, следено од смена на генерации, неефективно раководство во федерација, 6 странци, некомпетентни луѓе на различни позиции, младински школи како градинки за млади малолетници, своеволие и оптоварување со непотребни и погрешни потези.
Изборот на новото раководство на кошаркарската федерација, кое ќе го именувам како Перо и Тоше, носи свежина и нови надежи дека ќе се сопре колата низбрдо. Перо Антиќ и Тоше Гечевски, првиот и вториот човек во федерацијата, се двоецот на кој паѓа товарот да ги вратат работите на вистинскиот пат во овој спорт.
Состојбата во клубовите и репрезентацијата не е сјајна. Од финансиски аспект и не е толку лоша, имајќи предвид дека има различни можности за доаѓање до спонзори, вклучувајќи ја и помошта од државата во однос на финансирањето на федерацијата и ослободувањето од данокот на добивка како спонзор на клуб, законски регулирано пред три години.
Вистинскиот проблем е соочувањето со последиците од преголемиот број на странци и неучеството на клубовите во европските купови. Клубовите се ставени во тесно немајќи голем избор меѓу младите играчи кои минатите години немаа шанса да го добијат потребното искуство на терен, кое ако помине – не може да се врати, додека домашните носители на играта сега се ставени во преден план излагувајќи од сенката на вчерашните странци, ставени под притисок кој можеби и заборавиле како изгледа. Националната селекција го има истиот проблем.
Улогата на федерацијата не е да продуцира нови млади играчи, туку да создаде услови и околности таа работа што полесно да ја остварат професионалните клубови, да создадат систем на вредности во кој сите ќе бидат еднакви, каде подобриот ќе победува, талентираниот ќе добие шанса, систем кој ќе биде во функција на спортот преточен во актите на федерацијата како рамка и насока на делување.
Перо и Тоше многу добро знаат како стојат работите на теренот, но сега се пред предизвик од другата страна на масата. Ќе бидат во ситуација да направат компромиси, да повлечат одредени потези, да пресечат во одредени одлуки, па затоа сакам да посочам кон неколку ноторни работи:
-
Направете работни комисии, совети, тела и органи во кои членови ќе бидат искусни и компетентни луѓе, кои имаат енергија и мотивација да работат, кои ќе бидат продуктивни и ќе бидат додадена вредност, наспроти индивидуалци или поединци кои можеби се во вашето опкружување и бараат место под сонцето од социјално-финансиски побуди. Ако сакате некому да помогнете тогаш организирајте донаторски спортски настан, а никако честење функција или членство.
-
Ревидирајте ги актите на федерацијата – статутот, натпреварувачкиот и дисциплинскиот правилник – наместо шпекулации за бескрајни толкувања и гостувања на нечии адвокати по канцелариите на федерацијата кои споровите ги носат до граѓанска парница како крајна, истовремено и бесцелна инстанца, направете измени и дополнувања на прописите кои недвосмислено, јасно и концизно ќе одредуваат постапки, процедури, обезбедување на права и барање на одговорност, како и предвидливост на одлуки кои ги носат соодветните комисии.
-
Побарајте писмено мислења, предлози и забелешки за моменталната состојба во кошаркарскиот свет од соодветните здруженија на судиите, делегатите, играчите, тренерите. Членовите на здруженијата при федерацијата се директни учесници во сите збиднувања на терените и надвор од нив и имаат реално согледување на сите пречки и потешкотии кои постојат во практицирањето на спортот. Нивниот фидбек е одлична основа во обезбедувањето на фер плеј, непристрасност, отстранување на притисок врз актерите на терен, безбедност на спортските натпревари и сл.
-
Развијте концепт на усовршување на стручни кадри во делот на тренерска работа, администрација и менаџерство. Неопходно е да држиме чекор со европските и светски трендови во спортската еволуција при што за ваквите проекти од национален интерес можат да се обезбедат финансии од Агенцијата за спорт и млади, кои нема да се сведат на неколкудневни семинари, туку ќе бидат едукација во соодветни спортско-образовни институции во спортски развиените земји, каде вие најлесно можете да остварите контакт и соработка.
-
Именувајте селектори и членови на стручни тимови на националните младински селекции кои имаат рејтинг на сениорски селектор и стручен штаб. Позицијата младински селектор и член на стручен штаб да се носи поради остварен успех, квалитет, професионалност и компетентност, а не врз основ на приватна лојалност или евентуална работна шанса поради немање ангажман, налик на социјална поддршка, колку и сурово и нечувствително да звучи.
-
Поведете иницијатива за подигање на стандардот на спортските лекарски прегледи, посебно во младите категории.
-
Делегирајте задачи на вашите соработници за да не се заглавите во бирократски обврски, барајте одговорност за нивната работа, дајте награда за успешно завршен проект. И не заборавајте дека секој именуван од ваша страна, како и секој ваш соработник, ја креира сликата за вас – тие се вашето огледало. Секогаш, и со право, некој ќе праша кои се луѓето кои работат во федерацијата и по кој основ тие се таму, за што треба да се има аргументиран одговор.
-
Секој системски потег што ќе го направите нека биде предмет на претходна анализа и дебата, а не во соба без прозори. Кошарката е екипен спорт и вие најдобро знаете дека успех прави екипа, а не поединец кој ја држи топката за себе и солира. Сигурен сум дека во себе носите доволно одлучност и храброст која треба да ја ефектуирате во следните години како што тоа го правевте на кошаркарските терени.
Во градско-спортски жаргон: кажете доста на спортски анонимуси кои креираат политики во кошарката, нека се знае кој има право на глас во Собранието, да побара или организира активност, во кој рок, јавна или тајна е процедурата, кој одлучува и со какво мнозинство, каква и колкава е казната при кршење на прописите, ќе се игра и преигра или на зелена маса, кој не ја завршил работата и зошто, регистриран ли е играчот, може ли натпревар во одредена сала среде сезона, ќе се плука ли и понатаму по судиите и записничката маса, има ли план Б, како може да се помогне на клубовите…
Знам дека Перо и Тоше влегуваат во овој предизвик со чиста совест и разум, без приколки позади себе. Секако дека со време ќе се создадат и негодувања и противници, но и тоа не е греда доколку се работи совесно и професионално, за доброто на големата слика, бидејќи така се задржува кредибилитетот и поддршката од спортските работници и воопшто спортската јавност, поддршка која на почеток од својот мандат досега ја немало ниту едно раководство.
Искрено верувам дека истата ќе биде целосно оправдана!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА