Црвена звезда броеше со „стотка“ и го здроби Макаби

Кошаркарите на Црвена звезда експресно се рехабилитираа по болниот пораз од Партизан во вечното дерби и со убедливи 100:78 го декласираа Макаби Тел Авив во натпревар од осмото коло. Ова е петта победа за „црвено-белите“ со што се израмнија со Дубаи на делба на шестата позиција.

Црвена звезда одигра фуриозна прва четвртина која ја доби со убедливи 34:15. Интересно е што последните 18 поени на „црвено-белите“ беа постигнати од зад линијата за три поени. Тајсон Картер постигна четири тројки во првата четвртина.

Втората четвртина, Црвена звезда ја доби со 21:15 и на пауза замина со плус 25 (55:30) по што повеќе немаше дилеми околу победникот.

Во второто полувреме, „црвено-белите“ ги контролираа случувањата на паркетот во „Арена“ и на крајот славеа со убедливи 100:78.

Картер со 24 поени, Батлер со 21 и Нвора со 18 поени беа најдобри кај Црвена звезда, додека кај Макаби се истакна Џими Кларк со 19 поени.

Се вчитува...