Јовиќ: Металург ќе има убедливо најмлад тим

Металург и во наредната сезона во Лигата на шампионите ќе се натпреварува со еден од најмладите состави во најелитната конкуренција, најави тренерот Александар Јовиќ.

Македонскиот вицешампион ќе игра во групата Ц во која противници ќе му бидат Силкеборг, Спортинг, Бешикташ, Чеховски Медведи и Татран Прешов.

„Се работи за тешка група во која повеќе екипи ќе атакуваат на првите две позиции кои водат во следнаат плеј-оф фаза. Како фаворити ги гледам екипите на Силкеборг и на Спортинг, но ништо полесни нема да бидат ни дуелите со другите три екипи во групата. Металург во оваа конкуренција ќе настапи со убедливо најмлад тим и секој освоен бод ќе биде и успех и задоволство“ – истакнува Александар Јовиќ во изјавата за клупскиот сајт.

Засега се уште не се знае точно како ќе изгледа составот на „металурзи“ за следната сезона. Од ланскиот тим на крајот на сезоната си заминаа Жарко Пешевски и Вања Илиќ, а на излезна врата е и хрватскиот бек Халил Јагањац доколку Металург и ППД Загреб се договорот околу обештетувањето за предвремено раскинување на договорот. Од овој трансфер ќе зависат и следните потези на управата на Металург околу комплетирањето на составот. Извесно е и дека тренерот Лино Червар дефинитивно не се враќа во Автокоманда, а Јовиќ кој во отсуство на Хрватот, минатата сезона го водеше тимот, најверојатно ќе остане на клупата на Металург како прв тренер.

Се уште ја немаме комплетирано екипата. Меѓудругото, и од тоа ќе зависи со какви амбиции ќе ја стартуваме групната фаза во Лигата на шампионите“ – истакнува Александар Јовиќ.

Натпреварите во групната фаза од ЛШ стартуваат на 12/16 септември. Освен настапот во ЛШ, Металург и во наредната сезона ќе биде дел од регионалната СЕХА лига, а во втората половина им претстојат настапите на домашна сцена, во суперлигашкиот плеј-оф и во Купот на Македонија.

Се вчитува...