Јовиќ побегнал од самоизолација, ги налути и Шпанците и Србите

Лука Јовиќ цела сезона ги фрустрира челниците и навивачите на Реал Мадрид со слабата форма, но српскиот голгетер сега го навлече бесот со своето однесување, откако решил да побегне од самоизолација и одлетал за Белград за да присуствува на роденденската забава на својата девојка. Целите фудбалски и кошаркарски тимови на Реал се во изолација откако кошаркарот Треј Томпкинс беше позитивен на коронавирус, а токму Јовиќ меѓу првите откри дека го користел истиот базен со Американецот.

Во ситуација кога коронавирусот засилено се шири кај нашиот северен сосед, српската јавност е згрозена од односот на фудбалерот, кој наводно пред неколку дена со приватен авион долетал во Белград, а по роденденската забава се вратил назад во Мадрид. Бесни од неговиот непрофесионален однос се сите во Реал Мадрид, шпанската спортска јавност, но и Србите.

„Дечко, сакаш сите да не убиеш“, пишува Курир, информирајќи дека голгетерот на Реал посетил бројни белградски ресторани и кафулиња за време на краткиот престој во татковината. Воедно, „Курир“ потсетува дека секој жител кој доаѓа од Шпанија морал да мине 14 дена во самоизолација веднаш по пристигнувањето на српско тло, правило што Јовиќ не го почитувал.

Со ваквото однесување фудбалерот ја налутил и Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

„Постојат примери на фудбалери кои имаат милионски договори во странски држави, а овде доаѓаат и не се во изолација. Ќе се занимаваме со нив“, порача Брнабиќ.

Се вчитува...