Јуве има совршен план – Зидан на местото на Сари!

Зинедин Зидан e желбата на Андреа Ањели за нов тренер на Јувентус, откако на првиот човек на „старата дама“ му стана јасно дека Недвед и Паратичи направиле погрешна проценка кога минатото лето решија Маурицио Сари да го наследи Алегри на клупата на најтрофејниот италијански клуб. Како опции се споменуваат и Пеп Гвардиола и Маурицио Покетино, но за Ањели нема дилема – преговорите со Зидан се приоритет доколку францускиот стратег стане достапен за ангажман.

Зидан имаше блескави партии како фудбалер на Јувентус во периодот од 1996 до 2001 година, по што се пресели во Реал Мадрид. Сега Ањели сака да го донесе Зизу како тренер токму од Реал, а како што стојат работите тоа може да се случи веќе летово. Зидан има договор до јуни 2022 година, но „кралевите“ се наоѓаат во фаза на ремонт на тимот, Флорентино Перез не е најзадоволен од игрите и резултатите, па лесно може да се случи да дојде до тренерска смена на „Бернабеу“ на крајот од сезонава.

Првиот човек на Јувентус будно ја следи ситуацијата и веќе подготви понуда за тригодишен договор, вреден вкупно 25 милиони евра плус богати бонуси. Целта е јасна, по доминацијата на италијанската сцена конечно да се нападне и пехарот во ЛШ, нешто во што Зидан е многу успешен со трите освоени европски круни со Реал Мадрид. Воедно, доаѓањето на Французинот ќе ги разреши и сите дилеми околу останувањето на Роналдо уште најмалку една сезона во клубот, со оглед на беспрекорната соработка што Зидан ја имаше со португалската суперѕвезда во Реал.

Се вчитува...