Јуве пак е прв – Интер исфрлен од трката за скудетото

Јувентус се врати на чело на калчолигашката табела откако славеше со 2-0 во големото дерби против Интер, што се одигра пред празни трибини на „Алијанц Арена“ во Торино. „Старата дама“ со трите бода го прескокна Лацио на табелата, но и ја зголеми предноста во однос на Интер што сега изнесува огромни девет бода („нероаѕурите“ имаат и еден натпревар помалку).

Сари изненади оставајќи го Пјаниќ на клупата за резерви, но триото Бентанкур – Рамзи – Матуиди функционираше одлично на средината од теренот. Првите две шанси ги имаше „старата дама“, но Хандановиќ одлично ги запре ударите на Де Лихт и на Матуиди. Интер потоа ја стабилизираше играта, Брозовиќ се обиде со силен удар од дваесетина метри, но Шчешни одбрани.

Вториот дел почна со израмнета игра, пред Рамзи да го отвори резултатот во корист на „старата дама“. Матуиди беше исфрлен по левата страна, Французинот ја врати топката кон петерецот каде Роналдо не се снајде најдобро, но Рамзи беше на вистинско место и успеа да ја протне крај Хандановиќ во мрежата на Интер. Гостите беа во шок, а Јуве го искористи тоа за да постигне и втор гол. Повторно во акцијата учетвуваше Рамзи, овојпат како асистент, а стрелец беше Пауло Дибала, кој со прецизен удар го матираше гостинскиот голман.

Кристијано Роналдо не реализираше две шанси во судиското продолжение, со што беше прекината неговата серија од 11 средби по ред во Калчо-лигата на кои ги тресеше противничките мрежи.

Јувентус со денешната победа има 63 бода, еден повеќе од Лацио. Останува да се види кога ќе продолжи италијанскиот шампионат, со оглед на најавите дека во вторник ќе биде донесена конечна одлука за прекин на Калчо-лигата се додека не биде спречено ширењето на коронавирусот на Апенинскиот полуостров.

Се вчитува...