Јувентус дефинитивно покажа дека е излезен од резултатската криза откако „старата дама“ вечерва славеше на дербито против Интер со 1-0. Јуве покажа повеќе од актуелниот првак на Италија, доминираше во второто полувреме и заслужено стигна до бодовите, додека Интер дефинитивно ќе мора што поскоро да влезе во посакуваниот ритам како „нероаѕурите“ останаа на второто место со само една победа во последните четири калчолигашки рунди.
Првото полувреме донесе отворен фудбал и шанси на двете страни, а недостигаа само голови. Јуентус изненади со офанзивниот пристап, што пак остави простор во својата половина што Интер го користеше за опасни напади. Дамфрис беше особено опасен по десната страна во бројни ситуации, холандскиот десен бек го погоди и дирекот пред крајот на првото полувреме, не успевајќи да го донесе Интер во водство.
Вториот дел донесе поинаква слика, Јуве продолжи со офанзивата, но „црно-белите“ во меѓувреме ги средија проблемите со одбраната и Интер се мачеше да најде одговор за „старата дама“. Подоброто издание на домашниот состав беше наградено во 74. минута кога Коло Муани тргна во соло-акција, топката стигна до Консеисао, кој мајсторски ја смести зад грбот на Зомер.
За Интер ова беше втор пораз на последните три меча со што „нероаѕурите“ повторно не успеаја да го скокнат Наполи на табелата. Јувентус пак се израмни со Лацио, со по 46 бода на делба на четвртото место на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА