Јувентус ги договори условите со Локатели, трансферот зависи од Сасуоло

Италијанскиот интернационалец Мануел Локатели најверојатно ќе го напушти Сасуоло во овој летен преоден рок. Локатели претстави одлични игри минатата сезона, и ја освои европската титула со италијанската репрезентација.

Неговите добри игри не останаа незабележани, па италијанските медиуми пишуваат дека „Старата дама“ сака со сите сили да го донесе во своите редови. Наводно, Локатели ги договорил условите со Јувентус и останува клубовите меѓусебе да се договорат со цел трансферот да биде официјализиран.

Италијанските медиуми пишуваат дека доколку клубовите се договорат за трансфер, фудбалерот ќе стави потпис на договор со Јувентус до летото 2026 година, според кој ќе заработува три милиони евра годишно. Сасуоло очекува да собере отштета од околу 40 милиони евра, но не е исклучено Јувентус да се обиде да „вметне“ некои од своите помлади играчи во трансферот.

Покрај Јувентус, за Локатели се заинтересирани и Борусија Дортмунд и Арсенал, но голема желба му е да игра во дресот на „Старата дама“. Да потсетиме, минатата сезона за Сасуоло, Локатели одигра 34 натпревари во Серија А и постигна четири погодоци.

Се вчитува...