Јувентус ја одреди цената – Игуаин нема да си замине „гратис“

Гонзало Игуаин на крајот од сезонава ќе си замине од Јувентус, но тоа нема да се случи без „старата дама“ да добие соодветна отштета за аргентинскиот голгетер. Челниците на Јуве не се надеваат на враќање на вложените 65 милиони евра при трансферот на Аргентинецот од Наполи, но исто така и немаат намера да му дозволат да си замине без никаква отштета, како што беше најавувано.

Цената е одредена и изнесува 18 милиони евра, доволно предупредување за американскиот ДиСи Јунајтед да не се надева дека лесно ќе може да стигне до искусниот голгетер. Со тоа паѓаат во вода и плановите за негово враќање во татковината, каде Ривер покажа интерес да го доведе во своите редови. Како опција остануваат премиерлигашите Њукасл и Вулверхемптон, кои можат да си дозволат да платат ваква отштета, но за реализација на евентуален трансфер неопходно ќе биде и Игуаин да се согласи на намалување на платата од девет милиони евра годишно што ја зема во Јувентус.

Аргентинскиот интернационалец во изминатиот месец влезе во конфликт со управата одбивајќи да се врати од татковината поради страв од коронавирусот. На крајот Игуаин мораше да попушти и меѓу последните дојде назад во Торино, но односите со клубот се сериозно нарушени и тој летово ќе биде ставен на трансфер-листа.

Се вчитува...