Јувентус нокаутиран од два магични потези на Нико Паз

Јувентус го претрпе и првиот пораз сезонава во Серија А откако „старата дама“ загуби со 2-0 на гостувањето против Комо. По трите реми средби во низа, Игор Тудор денеска не успеа да стигне ниту до бод во пресметката со Цеск Фабрегас, со што уште повеќе се зголеми притисокот врз хрватскиот стратег кому му се заканува отказ.

Пресудна беше новата маестрална партија на Нико Паз, кој со два магични потези му ја донесе победата на Комо. Поранешниот бисер на школата на Реал Мадрид блесна веќе во 3. минута, со маестрална асистенција на вториот дирек каде Кампф немаше тешка задача да ја смести топката во мрежата.

Јувентус може да жали за неколкуте шанси што ги имаше во првото полувреме, во кое гостите од Торино имаа добри ситуации, но не се снајдоа најдобро во клучните моменти.

Комо ја консолидираше одбраната во вториот дел, ги затвори подобро приодите кон сопствениот гол, а потоа стигна и до 2-0 со маестралниот погодок на Паз, кој од петнаесетина метри со милиметарски прецизен удар го совлада Ди Грегорио.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...