Јувентус со два пенали до три бода, Роналдо го стигна Трезеге

Јувентус експресно се врати на победнички патеки во Калчо-лигата, триумфирајќи со 3-0 над Фиорентина, со двата гола што од пенал ги постигна Кристијано Роналдо. Португалецот со тоа го израмни рекордот на Давид Трезеге, со девет меча по ред од италијанскиот шампионат на кој успеа да ја затресе противничката мрежа.

Шчешни имаше две одлични интервенции при резултат 0-0, а Јуве дојде до предност пред крајот на првиот дел. Пецела играше со рака по шутот на Пјаниќ, а по прегледување на снимката со ВАР беше досуден пенал што Кристијано го претвори во водечки погодок. Вториот гол исто така беше постигнат од белата точка, овојпат за старт врз Бетанкур. ВАР го повика главниот судија на дополнителни консултации, но тој остана доследен на првата одлука, по што Роналдо зголеми на 2-0, ставајќи печат на победата. Конечните 3-0 во судиското продолжение ги постави Де Лихт, со прецизен удар со глава по корнерот на Дибала.

Јувентус со овој триумф сега има шест бода повеќе од Интер, но „нероаѕурите“ вечерва ќе го играат својот натпревар од ова коло, на гостински терен против Удинезе.

Се вчитува...