Кадетската репрезентација на Македонија во второто коло го претрпе првиот пораз на европското првенство – Б дивизија во Гевгелија, губејќи со резултат 75-87 од врсниците од Исланд. Нашите млади кошаркари цел меч беа во резултатска негатива, на стартот од четвртата четвртина поопасно се приближија, но Исланд влезе во ритам кога беше најважно, се одлепи резултатски и стигна до победата. Мора да се истакне неверојатната бројка од 51 шутната тројка на Исланѓаните, кои погодија 13 пати (Македонија имаше 5/22 од далечина).
Исланд далеку подобро го отвори натпреварот, имавме проблеми и со нападот (четири поени во првите пет минути) и со скокот, па негативата од 4-8 набрзина порасна на 8-18. Проблемите во нападот се продлабочија, а Исланѓаните зголемија и на 8-23, пред Зунзуровски со поени да намали на 10-23 на самиот крај на првата четвртина. Вториот период мина во далеку поизрамнета игра и серија промашувања од далечина на двете страни. Исланд ја одржуваше разликата околу десет поени, но Шабани постигна тројка во 19. минута (прва во десеттиот обид за Македонија) и ја спушти негативата, за на одмор да заминеме со 28-35.
Охрабрени по добриот финиш на вториот, македонските кадети подобро го стартувза третиот период, намалувајќи на 32-35. Џолев реализираше два напада по офанзивни скокови, прецизни беа и Коневски Шабани, па на половина од третата четвртина резултатот гласеше 40-43. И кога требаше целосно да се вратиме, повторно се појавија проблемите со скокот, Исланѓаните со серија освоени топки во напад стигнуваа до поени од втора шанса и во 27. минута поведоа со 42-50. Исланд погодуваше тројки во серија, но одговоривме на идентичен начин преку Зунзуровски и Шабани, не дозволувајќи гостите пак да се одлепат (50-56).
Во последните десет минути влеговме со негатива од само три поени (56-59), но Исланд ја отвори четвртата четвртина со тројка, десетта на натпреварот. Зунзуровски не реализираше две слободни фрлања при 61-64, казната стигна со пет поени во низа и водство на Исланд од 61-69, по пто селекторот Стојановски побара тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, противникот ја одржуваше убедливата предност и на три и пол минути до крајот имавме негатива од 65-75. Не само што не успеавме да го ублажиме поразот, туку Исланд ја зголеми предноста до конечните „плус 12“.
Дион Шабани бешше најефикасен и на овој натпревар со 26 поени и 10 скокови, Зунзуровски имаше 22 поени за Македонија, а по седум реализираа Џолев и Коневски.
Нашите млади кошаркари утре го играат третиот меч на овој шампионат, против фаворитот за првото место во групата, селекцијата на Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
