Кадетската репрезентација на Македонија ја забележа првата победа на Европското првенство што се одржува во Белград откако нашите млади ракометари попладнево лесно славеа над Италија со убедливи 33-23. Штета што групата во првата фаза беше исклучително тешка, па нашите кадети мора да разигруваат за пласман, на дуелот со Италија беше очигледна разликата во квалитет, избраниците на селекторот Кузманоски доминираа од секој аспект и не дозволија триумфот во ниту еден момент да им биде доведен во прашање.
Македонија поведе со 3-0 и со 4-1, а се што успеа да стори Италија беше намалувањето на нашето водство на 6-5. Следеше нова мини-серија на нашите кадети, во главна улога во првото полувреме беа Ѓоргиески и Поповски, позитива повторно скокна и на одмор се замина со водство од 17-13.
Цврстата одбрана беше заштитен знак на македонската селекција во првиот дел од второт полувреме, во кој практично беше ставен и печат на победата. Македонија во 45. минута поведе со 25-18 преку Костов, а серијата погодоци продолжи и неколку минути подоцна веќе имавме и 29-18 со петтиот гол на Ѓоргиевски. Финишот беше рутина со која лесно го приведовме мечот до крај, славејќи со конечните плус десет.
Бобан Поповски беше прв стрелец на македонскиот состав со девет погодоци, додека Ѓоргиевски и Ѓоргиески го завршија мечот со по шест постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
