„КАКО НЕМА ДА ИГРАТЕ!? ЦЕЛА БЕЛГИЈА ДОАЃА…“: Приказната за војната среде Брисел во 1994 за химната и за знамето!

Македонија вечерва од 20:45 часот во Гент против Белгија ја очекува сигурно најважниот натпревар во овој квалификациски циклус во битката за освојување на првото место во групата и директен пласман на Светското првенство 2026. Како никогаш досега, токму против Белгија, Македонија е во ситуација да се бори за директен пласман на Мундијал – за првпат во историјата!

А, интересно, токму Белгија е и првото гостување на македонската репрезентација на официјален натпревар во историјата. Во ноември 1994 година, во квалификациите за ЕП 1996, во Брисел против Белгија е првото гостување на Македонија во еден квалификациски циклус. Гостување кое беше одбележано од дипломатската војна на државните и спортските институции на чело со ФСМ за своето име, знаме и химна.

„Во тој момент пред натпреварот во Брисел на 16. ноември 1994 година прашањето за името и знамето со кое ќе настапиме против Белгијците доби размери на опстанок за Македонија. Грците никако не дозволуваа Македонија на спортските натпревари да го користи своето име но и знамето со 16-кракото сонце на Вергина. Ние, пак, на чело со претседателот Иванов бевме решени да не попуштиме под притисоците. Но, бевме шокирани кога на два дена пред мечот добивме писмо од ФИФА дека на стадионот во Брисел ќе бидат поставени само знамињата на ФИФА и УЕФА, без тие на Белгија и Македонија, но и дека нема да бидат интонирани химните пред мечот. За знамето и претпоставувавме, но бевме навистина изненадени за химната. Веднаш го известивме државниот врв и амбасадорот во Белгија, Јовица Теговски кој веднаш презеде мерки и ги извести надлежните за да не се доведеме во непријатна ситуација“ – ќе напише во својата монографија тогашниот генерален секретар на ФСМ, Илија Атанасовски – Ико, кој е и една од најзначајните фигури во македонската фудбалска историја, „мозокот“ на Фудбалскиот сојуз во тие години и еден од најзаслужните за дипломатското пробивање на македонскиот фудбал во Европа и во светот.

Претседателот на ФСМ, Љубисав Иванов му подарува македонско знаме на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Белгија, Мајкл Доџ

„Цела македонска јавност го очекуваше натпреварот. Не смееше да дозволиме да играме без име, без знаме, па сега и без химна. Сите ние од раководството и членовите на УО, заедно со Билјана Велковска, а на чело со претседателот Иванов ја почнавме битката. И Љубисав Иванов тогаш во Брисел, ми се чини, ја одигра најдобрата дипломатско-спортска-политичка-мангупска игра. На самиот ден на натпреварот Иванов имаше разговор со претседателот Киро Глигоров по кој, како заклучок, на себе ја презеде целата одговорност дали ќе го играме или не натпреварот“.

Секако ќе играме со наше знаме… На трибините во Брисел илијадници знамиња!!!

Според сведоштвата, пак, во меѓувреме делегација предводена токму од Илија Атанасовски – Ико, а заедно со Ѓоко Атанасов, д-р Раде Чапаревски, Диме Каров, Билјана Велковска, Небојша Давидовски и Ацо Заковски – Гризли, е на средба со претседателот на Фудбалскиот сојуз на Белгија, Мајкл Доџ. На истата категорично му е пренесено на Доџ дека Македонија без знаме и химна нема да го игра натпреварот.

„Како нема да го играте? Со кое право тоа го кажувате? Цела Белгија доаѓа на натпревар, а вие едно парче текстил го ставате пред интересите на гледачите. Па, и ние без никаква вина за првпат по 1904 година ќе играме без знаме и без химна. Ако не играте ќе бидете ригорозно казнети од ФИФА и УЕФА“ – бил одговорот од Доџ.

Но, ставот на македонската делегација беше повторен потоа лично и од претседателот на ФСМ, Љубисав Иванов кој се приклучил на средбата.

„Имате ли памет? До натпреварот има само уште три часа“ – нервозно реагирал Доџ.

А, на линија низ тие клучни часови биле вклучувани и претседателот на УЕФА, Ленарт Јохансон како и генералниот секретар на ФИФА, Сеп Блатер. Беше телефонски вклучуван и претседателот на ФИФА, Жоао Авеланж. Но, и покрај заканите, Македонија цврсто остана на ставот дека нема да игра без знаме и без химна.

„Откако Мајкл Доџ виде дека сме сериозни, на два часа пред натпреварот не праша дали ќе играме ако ги убеди ФИФА и УЕФА да се игра со химните, а без знамиња. Претседателот Иванов истакна дека мора да ги праша членовите на УО кои беа присутни тука затоа што сам не може да одлучи, а откако потврдивме дека треба да се игра за да последиците за фудбалот не бидат катастрофални, Доџ влезе во просторијата каде бевме и праша што одлучивте. Тогаш нов шок за сите нас. Претседателот Иванов категорично му рече: ‘НЕ ИГРАМЕ. Без знаме не играме’. Шок и за Доџ и за сите нас. А, Ѕинго вели ‘да го прашаме Дончо што мисли’. Па, Андон Дончевски онака луцидно: ‘Па секако нема да играме без знаме, на трибината веќе има илијадници македонски знамиња’. Иванов се насмевна. Намерно ги остави Белгијците уште малку да се потат, надевајќи се дека можеби ќе попуштат и за знамињата, за да потоа го викне Доџ и му каже дека, сепак, ќе играме“ – ќе каже години потоа легендарниот Ико.

Генералниот секретар Илија Атанасовски – Ико, „мозокот“ на ФСМ, со македонските иселеници во Брисел во 1994 година

И, „Денес над Македонија“ се интонираше на стадионот во Брисел. Сите македонски репрезентативци при интонирање на химната беа насочени кон трибината со македонски знамиња. А потоа на самиот натпревар и дополнително мотивирани поради сите случувања пред мечот, дојдоа и до нов историски резултат, ремизирајќи (1-1) на стадионот на Андерлехт со моќната Белгија. Домашните поведоа со голот на Верхејен, но Зоран Бошковски во 51 минута, по центаршутот од десно на Станојковиќ, успеа да израмни.

„Македонска ѓаволштина за црвените ѓаволи… Реми како катастрофа… Македонија уште еднаш покажа дека фудбалски е голема“ – беа дел од насловите во белгиските медиуми по натпреварот.

Данчо Целески – херојот од Брисел

Составот на Македонија на мечот во Белгија

Македонската репрезентација на натпреварот на „Лото Парк“ во Брисел настапи со следниот почетен тим: Данчо Целески, Вујадин Станојковиќ, Зоран Јовановски, Илија Најдоски, Љупчо Марковски, Митко Стојковски, Чедомир Јаневски, Бошко Ѓуровски, Тони Мицевски, Зоран Бошковски и Милко Ѓуровски. Во игра во второто полувреме влегоа и Драган Канатларовски и Жарко Серафимовски, а на клупата беа уште и Кире Трајчев, Марјан Стојкоски и Неџмедин Мемеди.

На натпреварот вистински блесна голманот Данчо Целески, кој откако одлично бранеше во второто полувреме на претходниот квалификациски натпревар со Шпанија, доби шанса во првиот тим во Брисел. И беше непогрешлив сигурно најзаслужниот за избореното реми.

„Тремата остана во хотелот… Немавме трема, но само инает. Бевме мотивирани како никогаш претходно. Македонскиот инает проработе и заедно со квалитетот заслужено ги запревме Белгијците“ – се сеќава Данчо Целески.

Честитки од премиерот на Белгија, но и од бројни спортски лица од Европа

По одлично одиграниот натпревар првата честитка за македонската репрезентација пристигна од премиерот на Белгија, Жан Дел Коулан кој од трибините во Брисел го следеше натпреварот. Заедно со него на натпреварот присуствуваше и претседателот на Европската комисија, Жак Делор.

Честитки за големиот успех по враќањето во Скопје, на адреса на ФСМ пристигнаа и од ФК Црвена Звезда од Белград, од Фудбалските сојузи на Словенија, Турција, Франција, Русија…, но и од бројни амбасади на Македонија од цела Европа.

Се вчитува...