Каков Ливерпул, каков Тотенхем – „Вардарци“ се хероите на спортска Европа

Фудбалска грозница ја тресеше Европа изминатата седмица со трилер-реваншите во полуфиналето од Лигата на шампионите, откако Ливерпул и Тотенхем обезбедија место во големото финале. Сепак, хрвтскиот портал „Индекс“ јасно посочи дека во врвниот европски спорт има поголеми херои и од избраниците на Јирген Клоп и од „спарси“ предводени од Маурицио Покетино.

Тоа се ракометарите на Вардар, кои цела сезона немаат земено ниту една плата, но газат се пред себе во ракометна Европа.

„Секоја чест за Тотенхем и Ливерпул, но најлуда спортска приказна за годинава е Вардар. Клубот се гаси, ракометарите имаат добиено документи за раскин, но сеедно газат се пред себе и атакуваат на нова титула европски првак“ – пишува „Индекс“.

Хрватскиот медиум се потсетува на писмото со кое Сергеј Самсоненко најави заминување од клубот, потенцирајќи ја и неодамнешната изјава на Тимур Дибиров, дека и покрај молбите за трпение од Михајло Михајловски сите ракометари веќе добиле документи за раскин.

„Клучните играчи веќе се договорени за следната сезона, Карачиќ оди во Кјелце, Криштопанс во ПСЖ, Мораеш во Веспрем… Клубот се гаси, играчите немаат за плата, но сеедно маршираат кон врвот на Европа. Неверојатно“ – ја завршува „Индекс“ својата статија посветена на црвено-црните ракометни џинови.

Се вчитува...