Атлетик Билбао и Селта одиграа извонреден меч што по голема борба заврши со триумф на домашниот состав од 4-3. Гостите од Виго имаат за што да жалат, ако се знае дека два пати имаа водство во првото полувреме, а во вториот дел при 3-3 не реализираа пенал преку својот капитен Јаго Аспас. Казната стигна во 96. минута, кога беше досуден пенал за Атлетик што домаќините го претворија во гол за конечен триумф на оваа средба.
Селта два пати имаше предност од 0-1 и 1-2 преку Аспас и Бамба, но Атлетик успеа уште во првото полувреме да се врати и да израмни на 2-2. Домаќините потоа поведоа и со 3-2, не искористија шанса за 4-2, по што Селта стигна до израмнување преку Ларсен на асистенција на Јаго Аспас.
Токму Аспас од херој се претвори во трагичар, откако при 3-3 имаше шанса од пенал да донесе нов пресврт, но неговиот удар од белата точка беше запрен од голманот Унаи Симон.
За драмата да биде комплетна, Атлетик доби пенал во 96. минута откако Мингеза играше со рака во сопствениот шеснаесетник, а „резервистот“ Беренгер беше прецизен, казнувајќи ги промашувањата на гостите и носејќи ги трите бода на домашниот состав.
🦸⛔ ¡SUPER UNAI!#AthleticCelta#LALIGAEASPORTS #LALIGAHighlights pic.twitter.com/d7zMh87bMw
— LALIGA (@LaLiga) November 10, 2023
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА