Швајцарија приреди сензација освојувајќи го првото место во групата 2 од елитните селекции во Лигата на Нации, откако оваа репрезентација во клучниот натпревар славеше над Белгија со 5-2. Белгијците допатуваа на ова гостување свесни дека и минимален пораз би ги задржал на врвот на табелата, а кога во 17. минута поведоа со 0-2 со двата гола на Торган Азар се чинеше дека работата е завршена.
Сепак, Швајцарците сензацијата ја најавија уште до крајот на првото полувреме, постигнувајќи три погодоци преку Родригез (од пенал) и Сеферовиќ (два гола). Кога Елведи погоди на асистенција на Шаќири, селекцијата на Швајцарија имаше резултат што ја водеше на фајналфор турнирот од Лигата на Нации, а точка со гол во самиот финиш стави Сеферовиќ, кој со прецизен удар го матираше Куртоа, комплетирајќи го својот најважен хет-трик во кариерата.
Швајцарија е третата репрезентација што обезбеди учество на завршниот турнир од Лигата на Нации, што во јуни наредната година ќе се одржи во Португалија. Покрај Швајцарците дел од овој турнир ќе бидат и селекциите на Португалија и на Англија, а за последното место шанси имаат Франција и Холандија. Моментно првопласиран во таа група е светскиот првак Франција, но на „лалињата“ им е доволен барем еден бод на гостувањето во Германија за да го прескокнат големиот ривал и да се најдат на Ф4 натпреварувањето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА