Гостин во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ беше поранешниот македонски ракометен селектор, Данило Брестовац, поранешен македонски репрезентативец и тренер со богато меѓународно искуство.
Меѓу бројните теми на разговор со еден од најдобрите македонски ракометни стратези, се издвои и една анегдота поврзана со легендата на македонскиот ракомет и на Вардар, Столе Стоилов од периодот кога Брестовац беше селектор на Македонија, но се уште без официјален договор.
Столе одложи закажана операција само за да не го остави Брестовац на „цедило“ пред важен натпревар со Турција во квалификации.
„Има една анегдота со Столе, за тоа каков човек е. Треба да играме со Турција на гости а јас немам договор како селектор уште. Пиеме кафе со Столе и ми вика да не го викам во репрезентацијата, бидејќи треба да прави операција… Јас викам, добро Столе, значи тоа е тоа. Ако не можеш, не можеш. Тој ме гледа дека нешто не е во ред, и вика што е работата… Па, му кажувам дека немам договор и ако загубам од Турција толку ќе биде… И, вика, ајде ќе играм, ќе закажам операцијата одма штом слетаме од авион од Турција. И така бидна. Ние слетавме а Столе одма на операција… Ете што не можам да му заборам на Столе никогаш, каков човек е…“ – вели Брестовац во „ПРЕСИНГ“ и дополнува:
„Иако да ти кажам искрено, кога разговарав со сите репрезентативци пред да бидам селектор, тој беше најискрен. Јас многу сакам некој кога е отворен. Столе вика јас сум за Дејвис, но ако те стават тебе, вика, јас идам и секако со максимум за Македонија. Но, да знаеш, дека јас не играм зад грб, не играм такви работи. Да знаеш дека јас сум за Девис. Така што, во секој случај, тоа што го направи за мене, Столе навистина е добар и голем човек. Цел живот не можам да му го заборавам“.
ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ДАНИЛО БРЕСТОВАЦ ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
