Ракометарите на Пик Сегед беа демолирани во последните десет минути во Скопје, па на реваншот во Унгарија ќе бркаат огромни осум гола негатива. Сепак, искусниот Јонас Калман не губи верба дека Сегед може да одговори на овој голем предизвик и да стигне до фајналфор турнирот во Келн.
„Веруваме во чудо бидејќи знаеме дека зад нас ќе имаме полна сала од нашите верни навивачи, а кога тие се крај нас можеме да дојдеме до резултатот што го посакуваме. Не заслуживме толку убедлив пораз во Скопје, но знаеме и што треба да поправиме, пред се во одбраната „еден на еден“ против Карачиќ, Скубе и Криштопанс, кои ни создадоа многу проблеми. Шансите се на страната на противникот, но ние нема да престанеме да се бориме“ – истакна Калман.
Шведскиот интернационалец во кариерата веќе има остварено еден голем камбек во европските купови, што му дава за право да се надева на ново чудо.
„Пред десет години се најдов во слична ситуација со Сиудад Реал, кога загубивме во Кил со 39-34 и бевме отпишани. Сепак, возвративме со иста мера и го добивме реваншот со 33-27, уривајќи го тимот предводен од Карабатиќ, Омејер, Ловгрен, Нарсис… Тоа е само доказ дека секоја негатива е достижна, не смееме да се плашиме, туку мораме со максимално ангажирана игра да влеземе од првата минута“ – порачува најискусниот во таборот на Пик Сегед, Јонас Калман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА