Канатларовски: Горд сум на сите овие момци кои ја однесоа Македонија на ЕП

Поранешниот македонски селектор Драган Канатларовски во интервју за српски „Журнал“ потенцира дека пласманот на Европското првенство следната година е најдоброто нешто што му се случило на македонскиот фудбал во неговата историја.

„Жал ми е што не одиграв повеќе репрезентативни натпревари за Македонија со оглед на моите години. Но, ете се оствари сонот на секој од нас што сме играле во националниот тим, со пласманот на Европското првенство. Горд сум на сите тие момци предводени од Пандев, затоа што знам за што се способни и можат уште повеќе да постигнат“ – вели Канатларовски.

Разговарајќи на бројни теми поврзани со неговата повеќе од богата играчка и тренерска кариера, популарниот Цапар се потсетува и на трансферот од Вардар во Црвена Звезда, првите настапи во националниот тим, но и многу други теми.

„Беа тоа интересни фудбалски времиња. Имав преддоговор со Хајдук кога во управата на Пелистер стигна известување дека можам само во Вардар. Заминав таму, имав големи успеси, освоив титула, а потоа следеше трансфер во Црвена Звезда. Во тоа време привилегија беше да се гледа Црвена Звезда, а не пак да се игра во тој дрес. Тоа беше еден од моите најсреќни моменти во животот. Постигнав гол против Жалгирис во Белград, па победата над Келн и онаа голема кражба во Германија, се се тоа моменти за паметење, живот исполнет со позитивни нешта кои ми ги подари фудбалот“ – коментира актуелниот селектор на репрезентацијата до 17 години на Македонија.

Се вчитува...