Капитенот на Копенхаген: Вардар е типичен балкански тим

Македонскиот фудбалски првак Вардар вечерва (20 часот) на „Телеком Арена“ во Скопје го игра првиот меч од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите против данскиот шампион ФК Копенхаген. Ривалот е клуб со големо европско реноме, во својата историја има настапи во групната фаза од елитното европско клупско натпреварување, но, сепак, покажува максимален респект и за квалитетите што ги поседуваат „црвено-црните“.

Капитенот на ФК Копенхаген, Вилијам Квист, вели дека Вардар е типичен балкански тим, кој во своите редови има одлични индивидуалци, технички добро потковани, кои умеат да ја го диктираат темпото на теренот.

„Вардар е одличен тим, ги анализиравме нивните натпревари против Малме. Заслужија да го елиминираат шведскиот првак и тоа доволно говори дека се работи за квалитетна екипа. Јас би рекол дека се типичен балкански состав, кој во своите редови има добри индивидуалци, технички се одлично потковани, а знаат да притиснат навистина силно кон противничкиот гол, пред се кога ќе ги понесе атмосферата. Ние ќе треба да бидеме мудри, да го чекаме моментот и да зададеме против-удар“, вели капитенот на ФК Копенхаген, во најавата на дуелот.

Натпреварот меѓу Вардар и ФК Копенхаген ќе се одигра вечерва, со почеток во 20 часот, на „Телеком Арена“ во Скопје, а правдата ќе ја дели германскиот судија Даниел Сиберт, со своите асистенти Јан Сеидел и Ласе Кословски. Четврти судија е Мартин Петерсен.

 

Се вчитува...