Ливерпул повторно ги разочара навивачите, и тоа овој пат на домашен терен. Четвртиот пораз по ред, сега од Манчестер Јунајтед од 1-2 на „Енфилд“ дополнително ги потресе редовите на англискиот гигант, па капитенот Вирџил Ван Дајк искрено ја коментираше ситуацијата во соблекувалната по натпреварот.
Ливерпул веќе претходно имаше три гостински порази од Кристал Палас, Галатасарај и Челси – а сега еден и дома, од нивниот најголем ривал. Натпреварот против Манчестер Јунајтед требаше да биде пресвртница, шанса за искупување и враќање на самодовербата. Но, не се случи тоа…
По натпреварот, капитенот Вирџил ван Дајк не го криеше своето разочарување и беше исклучително директен во своите изјави.
„Работевме напорно за да се вратиме, но потоа примивме многу наивен втор гол. Игравме премногу нетрпеливо, донесовме погрешни одлуки. Јунајтед чекаше на своите шанси и ги искористи“, рече Ван Дајк, објаснувајќи го и првиот гол на противникот по само 61 секунда игра.
„Тоа беше долга топка, ја одбив, но во дуелот го удрив Мек Алистер, тој падна, јас паднав и се отвори простор. Беше тешко да се шутира од тој агол, но сепак успеаја“.
Ван Дајк потоа испрати порака до своите соиграчи и навивачи.
„Мора да останеме скромни, да работиме уште понапорно и да ја задржиме самодовербата. Дојдовме од одлична сезона и лесно е да се падне во негативна спирала, но мора да се извлечеме заедно. Октомври е, сè уште многу што може да се промени“.
Како и да е, поразите се натрупуваат, а притисокот од навивачите расте – социјалните медиуми горат од коментари и прашања: „Што се случува со овој Ливерпул?“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

