Карачиќ: Ме бараше и Металург, но го избрав Вујовиќ пред Червар

Игор Карачиќ во 2012 година пристигна од екипата на Босна во Вардар и заедно со Стојанче Стоилов се единствените двајца ракометари кои се дел од „црвено-црното семејство“ уште пред на чело на овој клуб да застане Сергеј Самсоненко. Хрватот е миленик на навивачите, кои почнаа и петиција за Карачиќ да остане во Скопје и во наредната сезона, а интересно е што лесно можело да се случи Игор при доаѓањето во Македонија наместо во Вардар да го облече дресот на Металург.

„Во тоа време имав тешка повреда на рамото, а тренерот Вујовиќ беше причината поради која го одбрав Вардар во однос на останатите понуди. Имав на маса и понуда од Металург, но дојдов во Вардар бидејќи Вујо ми рече дека е поддготвен да ме чека бидејќи знае точно што можам да стторам за Вардар. Червар исто така ме бараше, но знаев дека има многу македонски играчи на мојата позиција“ – истакна Карачиќ во интервју за СЕХА-лигата.

Хрватскиот ас откри и што ги одбележило тренерите со кои соработувал во Вардар во сите овие години.

„Од Вујовиќ тоа е мотивацијата и тимскиот дух. Кастратовиќ имаше човечки квалитети, се поврзуваше со сите играчи од тимот. Раул секогаш ќе го паметам по темелните анализи, а одлика на Парондо е неговата смиреност, како и аналитиката. Шпанските тренери се многу слични“ – открива Игор Карачиќ.

Неговиот договор со „црвено-црните“ истекува на крајот од сезонава, а Карачиќ со секој следен ден е се подалеку од останување во Скопје.

„Сите сакаат да знаат, но јас немам одговор. Вардар има посебно место во моето срце, ова е мојот дом и не би ми пречело да останам овде до крајот на кариерата. Сепак, не можам да кажам каде ќе играм следната сезона“ – истакнува Хрватот во таборот на „вардарци“.

Се вчитува...