Карачиќ со совет за Македонија: Запрете го Палмарсон за да го победите Исланд

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Хрватска по голема битка славеше над Исланд, во последните десет минути кршејќи го отпорот на одличниот ривал. Еден од главните актери беше Игор Карачиќ, кој постигна значајни голови за „коцкестите“ во финишот од првото полувреме.

„Знаевме дека ќе биде тешко, Исланд е силна репрезентација што лани во првото коло од ЕП во Хрватска ја декласираше Шведска со десет гола разлика. Тие и денеска покажаа одличен квалитет, ни создадоа многу проблеми со пресвртот во второто полувреме, но за нас најважно е што покажавме карактер кога беше најважно. Во изминатиот период многу работевме на тоа, да ги надминеме проблемите кога ќе се најдеме во „црна дупка“, го сторивме тоа и дојдовме до победата“ – истакна Карачиќ.

Бекот на Вардар имаше совет и за македонскиот национален тим за дуелот со Исланд во последното коло, кој најверојатно ќе биде решавачки за пласман во следната рунда.

„Нема да ви биде лесно, бидејќи Исланд е силна репрезентација. Ја гледав и Македонија денеска, некои дваесетина минути и изгледаше многу добро, особено во одбраната. Искрено, мислам дека можете да го добиете тој натпревар, а за да го сторите тоа неопходно ќе биде да го запрете Палмарсон, кој е генијалец и кој денеска одигра извонредно. Ако го сторите тоа, ако го неутрализирате Палмарсон, ќе бидете многу поблиску до победата“ – порача Игор Карачиќ.

Се вчитува...