Кари „експлодираше“ во последната четвртина, Голден Стејт го освои Кливленд

Голден Стејт по голема битка успеа да слави на гостувањето против Кливленд, иако конечниот резултат покажува „плус 15“ за гостинскиот состав. Кливленд и без четворица стартери одлично му се спротивстави на фаворитот, контролирајќи го резултатот до крајот на третата четрвтина, по која домашниот состав имаше водство од 81-68.

Тогаш на сцена стапи Стеф Кари, кој ја иницираше серијата на Голден Стејт од 17-0 со која почна четвртата четвртина. „Воините“ продолжија во ист ритам до крајот, добивајќи ги последните десет минути со неверојатни 36-8, за конечен триумф, деветти во последните десет меча за оваа екипа. Кари постигна 20 поени само во четвртата четвртина, завршувајќи го мечот со вкупно 40 поени зад своето име. Српскиот репрезентативец Немања Бјелица постигна 16 поени за Голден Стејт, додека во таборот на Кливленд најефикасни беа Гарланд со 25 и Лав со 17 поени.

Мајами триумфираше над Вашингтон со 112-97 во меч што домашните го одиграа без Тајлер Хироу. Батлер беше прв стрелец со 32 поени, а во таборот на Мајами по кратка пауза се врати Лаури, кој имаше осум поени и 12 асистенции.

Денвер го загуби и вториот меч во низа откако тимот предводен од Никола Јокиќ синоќа беше поразен на домашен терен од Филаделфија со 89-103. Јокиќ беше феноменален во првото полувреме постигнувајќи 27 поени, но српскиот центар постигна само уште три поени до крајот на мечот, а Филаделфија знаеше како да го искористи тоа за да стигне до победата.

Резултати НБА:

Кливленд – Голден Стејт 89-104, Мајами – Вашингтон 112-97, Мемфис – ЛА Клиперс 120-108, Минесота – Сан Антонио 115-90, Денвер – Филаделфија 89-103, Јута – Торонто 119-103.

Се вчитува...