Фудбалерите на Манчестер јунајтед сигурно се изненадени откако Мајкл Карик се појави утрово во тренинг-центарот Карингтон за да го води тренингот на „црвените ѓаволи“.
Играчите добија слободен ден по неделниот пораз од Борнмут и делуваше сигурно дека Карик ќе добие отказ 24 часа по најновото фијаско, но долгите дискусии околу тренерското прашање на „Олд Трафорд“ не резултираа и со отказ на клупската легенда.
Тоа не значи дека Карик ќе преживее, туку само дека одлуката е одолговлечена – додека не биде договорено доаѓањето на неговиот наследник. Поранешниот англиски репрезентативец го води тренингот чекајќи повик за да му биде врачен отказот, а трката за негов наследник моментно е меѓу Еди Хау и Антонио Конте.
Хау е прв фаворит на спортскиот директор Вилкокс, но во тој случај Јунајтед ќе треба да плати отштета од три милиони фунти на Њукасл, клуб што Хау го водеше со години, доби отказ летово, но се уште има валиден договор. Конте пак е слободен за ангажман и камбек во Премиер-лигата (веќе ги водеше Челси и Тотенхем), но кај управата постои стравување дека строгата дисциплина на која инсистира Италијанецот може да донесе дополнителен раздор во тимот.
Според англиските медиуми, Карик е свесен дека нема да го дочека следниот викенд како менаџер на Манчестер јунајтед, а во следните 48 часа ќе се знае кој ќе биде неговиот наследник на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
