Карлајл со „отровни стрели“ кон Лука: Ептен сум среќен што ќе го гледам Дончиќ само двапати годишно

Јавна тајна во САД беше дека Лука Дончиќ нема највисоко мислење за тренерот Рик Карлајл, а серијата конфликти во текот на сезонава придонесе газдата Марк Кјубан на крајот да застане на страната на својата суперѕвезда и да му врачи отказ на тренерот што повеќе од една деценија го предводеше Далас.

Карлајл немаше проблем да најде нов ангажман, веднаш потпиша четиригодишен договор со Индијана пејсерс, но исто така и не ја пропушти можност да испрати „отровни стрели“ кон Дончиќ.

„Му испратив порака да му се заблагодарам за овие три извонредни години. Научив многу работи, му реков дека ми е мило што отсега ќе го гледам само двапати годишно. Тој е најдобриот млад кошаркар во НБА, во следните две-три години ќе се види на кое ниво ќе биде во наредната деценија“, изјави Карлајл.

Според искусниот стратег, идеална личност за тренер на Лука Дончиќ е поранешниот плејмејкер на Далас маверикс, Џејсон Кид.

„Не знам во кој момент решивме да се разделиме, но на сите ни беше јасно дека тоа е најдобра опција. Искрено се надевам дека следен тренер ќе биде Џејсон Кид, бидејќи тој и Лука имаат толку многу сличности како играчи. Јас сум единствениот во светот што имаше можност да работи со двајцата и знам какви квалитети поседуваат. Мислам дека Дончиќ и Кид би биле перфектна комбинација, но тоа е само мој став, не знам дали управата ќе ме послуша“, порача доскорешниот стратег на Далас маверикс.

Се вчитува...