Милан влезе во победничка серија во Калчо-лигата, но Антонио Касано воопшто не е импресиониран од она што го покажуваат „росонерите“ во изминатиот период.
Поранешниот голгетер е познат по анализите „без влакна на јазикот“, па Касано во ист стил продолжи и со описот на стартот на сезоната на Милан.
„Во Удине одиграа одлично, заслужено ја победија и Болоња, но тимот на Болоња беше катастрофален на тој меч. Можеби заслугите за тоа припаѓаат на Милан, но кажувам уште сега – тука се Наполи и Јувентус, а Алегри мора да покаже дека овие последни победи не се случајни. За мене тоа беше чиста случајност, Милан победуваше на среќа која не може да го следи секогаш“, прокоментира поранешниот голгетер на „росонерите“.
Тој има само пофални зборови за Лука Модриќ, кој и на 40 години покажува маестрални изданија по трансферот од Реал Мадрид.
„Модриќ е генијалец, не само што игра одлично, туку и ги прави сите околу себе уште подобри. Успесите на Милан се многу повеќе заслуга на Лука отколку на Алегри. Во клубот само мора да се надеваат дека Модриќ нема да се разболи или да се повреди, затоа што Алегри ќе се врати на единственото нешто што го знае – долга топка до Леао и да се надева дека нешто добро ќе се случи“, критичен е Касано за тренерот на „росонерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

