Касилјас конечно откри зошто се искара со Мурињо: „Тој е многу суетен човек…“

Икер Касилјас изминатово лето се одлучи да стави крај на играчката кариера, па конечно отвори душа на најболната, за него, тема – напуштањето на Реал Мадрид во 2015 година.

За Касилјас немирните денови во Реал стартуваа со доаѓањето на Жозе Мурињо на клупата на „кралевите“. Од Мурињо се очекуваше да ја запре доминацијата на Барселона, но неговите резултати не беа посебно забележителни, а од Барселона во првиот дуел како тренер загуби со 5-0. Уште тогаш почна да ги губи конците од раце…

„Неверојатно колку тензии имаше во ‘Ел Класико’ тие години. Барселона доминираше а ние сакавме да ги запреме на секој начин. Сепак, имаше нешта во кои претерувавме, а посебно ми сметаше кога Мурињо го боцна во око Тито Виланова, затоа што тоа не се работи кои тренерите треба да ги прават“ – вели Касилјас и дополнува:

„Потоа игравме против Леванте по ‘Ел Класико’, и од тој меч престанавме да комуницираме. Бевме сами во соблекувалната, па Мурињо почна да ми зборува како треба да бидам повеќе отворен и искрен. Му кажав дека не е професионално еден тренер да боцне во око друг тренер. И, иако само неколку мигови пред тоа бараше да бидам искрен и да кажам се што мислам, тоа многу го налути. Суета. Потоа некои лица од ПР службата на клубот се обидуваа да не смират, но тој не можеше да се помири со тоа што му ја кажав вистината во очи. Никогаш не го заборави тоа, па во сезоната 2012/13 односите уште повеќе се влошија. Фудбалерите играа лошо на терен, но тој секогаш се обраќаше само до мене дека не сум во вистинска форма“.

А, потоа следеше дефинитивната одлука за заминување од клубот…

„Некако се почна околу Нова година кога беа кажани некои нешта, непотребни за пред јавност. Зошто не се бранев? Па, зарем требаше се да претворам во циркус? Можеби требаше лично да разговарам со него. Но, потоа ме обвини дека сум ‘крт’ од соблекувалната и дека јас сум бил тој што на новинарите им открива што се случува во клубот, што апсолутно не беше вистина. По тоа обвинение престана секаков наш однос, а јас станав жртва затоа што молчев и не сакав во јавноста да изнесувам ништо. Наспроти него кој ужива во јавност да обвинува за се, и што треба и што не треба. Мурињо е добар со оние кои само му молчат, но е премногу суетен и не прифаќа никаква забелешка и покрај тоа што глуми како наводно сака да бидете искрени со него. Еден ден се сретнав и со навивачи на Реал, кои после толку обвинувања кон мене во јавноста од Мурињо, почнаа да ми зборуваат дека сум виновен и предавник. Тогаш дефинитивно сфатив што се случува, и дека е време да заминам. Ете тоа беше се меѓу нас. Сега не се сомневам дека по ова мое интервју и Жозе ќе се огласи“ – вели Касилјас.

Се вчитува...