Ракометната Федерација на Македонија е организатор на Женскиот ракометен форум во Охрид, на кој познати имиња од регионот говореа на најразлични теми поврзани со женскиот ракомет.
Претставник на мак-ракометот на овој форум е Индира Кастратовиќ, легендарната македонска репрезентативка која сега е дел од федерацијата задолжена за женските национални селекции.
„Никогаш не е доцна, јас сум доказ за тоа бидејќи со ракомет почнав на 16 години. Би сакала само да имав некој во тоа време со позитивен пристап. Во денешно време гледам родители како ги критикуваат своите деца млади спортисти, тоа е проблемот кај нас, сите сме големи стручњаци, сите знаеме се. Децата треба да знаат да се свртат кон стручните лица и тренерите, а родителите треба да се тука за да дадат поддршка“, го почна своето излагање Катратовиќ.
„ Најлесно е да се каже не можам веќе, се откажувам. Но, спортот не е само спорт, тоа е живот, како се однесувате на спортските терени така ќе се однесувате и во животот. Затоа, не треба да се откажувате, овој наш спорт нека ви биде јасна слика како може да напредувате во животот“, додаде Кастратовиќ за време на форумот.
Легендарната македонска репрезентативка се осврна и на почетоците на својата кариера…
„Во наше време, имам тука некои ракометарки од мојата генерација што ќе потврдат дека во наше време тренерите „малтретираа“, тоа беше авторитет, тие што ќе кажеа ние го правевме без да прашаме, без никаква дискусија. Знам, тоа беа поинакви времиња и мило ми е што сега работите се подобри, тренерите се тука и со поголема поддршка за спортистите, што е многу позитивно… Имам и порака до самите ракометарки, особено до оние помладите, оставете ги телефоните, повеќе дружете е меѓу себе, ова е колективен спорт и со повеќе пријателства ќе одите само напред“, порача Индира..
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
