Каталонска небулоза: Нема пет милиони евра за Депај, има 20 милиони за Кутињо

Барселона игра слабо, тренерот Куман има проблеми и со тактиката и со повредените фудбалери, а управата нема пари за засилувања. Сепак, небулозно делува фактот дека каталонскиот гигант нема минимален буџет за да го доведе Мемфис Депај, кој е голема желба на Куман, но затоа ќе издвои многу повисока сума за да го задржи Филипе Кутињо на „Камп Ноу“.

На оваа тема се осврна каталонскиот весник „Спорт“, обелоденувајќи дека на Куман веќе му било ставено до знаење да не се надева на буџет за засилувања за наредната сезона. Холанѓанецот е скромен во желбите, ги бараше Гарсија од Манчестер Сити и Депај од Лион, двајцата влегуваат во последната година од договорите и се достапни за ниски оштетни суми, но Барса нема ниту да влегува во трката за холандскиот голгетер и за младиот шпански дефанзивец.

Особено симптоматично е откажувањето од Депај, за кого Лион ќе бара прескромни пет милиони евра (за да не го загуби гратис на крајот од сезонава), тој  сака да игра за Барселона, но каталонците повторно се препасивни. Парите се проблем за Депај, но не и за Кутињо. Во договорот со Ливерпул има неколку клаузули, од кои едната во висина од 20 милиони евра ќе се активира ако Бразилецот одигра уште девет меча за каталонскиот гигант.

Затоа, изненадувачки е што Барселона не размислува за продажба или во најмала рака позајмица на екс-фудбалерот на Ливерпул, по што би се отворил буџет и за Депај.

Очигледно е дека се е оставено „на чекање“ во пресрет на претседателските избори, но ваквата пасивност ќе придонесе Барса да има катастрофална сезона.

Се вчитува...