Барселона целосно се одмазди на Реал Мадрид за поразот на првиот меч, и вечерва на „Сантијаго Бернабе“ покажа дека со Чави е сосема поинаков тим. Можеби неочекувано, но сосема заслужено „Каталонците“ го „размонтираа“ тимот на Реал Мадрид во „Ел Класико“ и го совладаа со 4-0.
Реал Мадрид имаше добар почеток на мечот, и шанса преку Валверде, меѓутоа потоа се беше на страната на Барса. Обамејанг, Дембеле и Торес промашуваа, односно Куртоа и одбраната реагираше, но тие шанси како да не беа предупредување за играчите на „кралевите“. Така Обамејанг ја користи втората шанса и на додавање на Дембеле, во 29. минута носи водство за гостите. Реал Мадрид не успеа да се разбуди од „шокот“ иако Винициус имаше зицер ситуација и сам пред голот на Тер Штеген. Се сплетка и падна, бараше и пенал, но не го доби.
На другата страна во 38. минута корнер за Барселона, Дембеле со втора асистенција овојпат до Араухо за 0-2 за Барселона. Реал Мадрид е целосно растурен на свој терен, пред своите навивачи.
Измените на Карло Анчелоти на стартот од вториот дел не донесоа ништо ново. Веднаш во првите секунди од мечот, Феран Торес со убава шанса, сам пред голот на Куртоа, но шутира за малку крај голот. Но, и ова како да не беше доволно предупредување, па минута подоцна Торес погоди во мрежата на Куртоа, овојпат по додавање на Обамејанг.
Самиот Обамејанг во 53. минута го постигна четвртиот гол, и со тоа ја заслужи наградата играч на мечот. Габонецот погоди, но најпрво беше сигнализиран офсајд. Меѓутоа по прегледување на ВАР снимката, беше одлучено дека тоа е погодок за 0-4.
Барселона после голот како да ја спушти топката, застана, па така Реал Мадрид се закани со неколку полушанси, но не успеа ниту да постигне почесен гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА