КАТАР НА „КАНТАР“ – ТЕМА И ДИЛЕМА (3): Дури Германци и Данци „водат политика“ против ФИФА, Јапонци држат лекција – и на терен и на трибини…

Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================

ТЕМА НА ДЕНОТ: Додека Данска и Германија се оптоваруваат со „политиката“ против ФИФА, противниците им ги крадат бодовите!

Уште еден ден на Мундијалот во Катар со потврда на констатацијата дека и тоа како фаворитите за највисок пласман ќе треба добро да се намачат низ секој натпревар за да дојдат до својата цел.

Овој пат, по Саудиска Арабија, лекција одржа Јапонија која со пресврт славеше 1-2 против фаворизираната Германија. А Јапонците, вистински „машини“ за пример, лекција држеа и на трибините чистејќи ги комплетно по завршувањето на натпреварите.

Според дел до светските фудбалски аналитичари, дел од големите фаворити на Мундијалот со мислите се повеќе на „политиката“ против ФИФА, поради строгите забрани за поддршка на ЛГБТ-популацијата, отколку на фудбалот. Па, тоа им се „удира од глава“. Данска, која размислува и да го напушти шампионатот во знак на протест затоа што ФИФА им забрани да носат симболи со „Една љубов“ како поддршка на ЛГБТ, може да биде среќна што не загуби а беше надиграна од Тунис… Германците, кои пред денешниот дуел исто така со гестикулации протестираа против цензурата на ФИФА, ја немаа таа среќа да се спасат од пораз. Затоа и двете европски селекции се можеби добар пример за останатите дека мора да се фокусираат повеќе на фудбалот, без разлика дали и колку се во право со активизмот против ФИФА.

А, дека јазот меѓу „малите“ и „големите“ во фудбалот е се помало потврда е и ремито на актуелниот светски вицешампион Хрватска со Мароко, но и играта на Канада, која е далеку од фудбалскиот квалитет на Белгија, но имаше натпревар најмалку за реми.

ДИЛЕМА НА ДЕНОТ: Беше ли оштетена Канада за дури два пенали на мечот со Белгија!?

Бидна ли и првото очајно судење на Мундијалот во Катар? ФИФА се одлучи за натпреварот меѓу Белгија и Канада да го делегира судијата од Замбија, Џани Сиказве кој пред неколку месеци двапати свиреше крај на натпреварот од Купот на афричките нации меѓу Тунис и Мали, пред да истечат регуларните 90 минути.

Па, веднаш и катастрофално судење на Сиказве, кој ја оштети Канада за дури два пенали во првото полувреме. Иако со помош на ВАР досуди еден пенал, кој Канаѓаните не успеаја да го реализираат, судијата од Замбија не досуди уште два чисти удари од белата точка за Канада. Во 14. минута помошниот судија судеше непостоечки офсајд, а во продолжението на акцијата играч на Канада беше покосен, но немаше пенал.

Во 36. минута нова голема судиска грешка. Ричмонд Ларје се проби во противничкиот шеснаесетник, Витсел го сруши, Канаѓаните бараа пенал, но забискиот судија не досуди ништо. Од ВАР-собата го повикаја Замбиецот, но тој одби да ја погледне видео-снимката!???

 

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Такума Асано ја шокираше Германија

Такума Асано е херојот на денот кој донесе сензационална победа за Јапонија против големата Германија.

Асано во самиот финиш од натпреварот стрелаше за триумф од 2-1 на Јапонците и големо славје на својата селекција.

РЕКОРД НА ДЕНОТ: Гави стана најмладиот стрелец во историјата на Шпанија, и трет најмлад стрелец на Мундијалите

Шпанскиот репрезентативец Гави со погодокот во победата над Костарика од 7-0 стана третиот најмлад стрелец во историјата на СП со 18 дена и 110 дена. На оваа листа прв е Пеле кој постигна гол на 17 години и 249 дена на Мундијалот во 1958 година, пред Мануел Росас со 18 години и 93 дена во 1930 година.

Покрај тоа, Гави стана и најмлад играч во историјата на Шпанија затоа што заигра на меч со 18 години, стана и најмлад стрелец во историјата на „фуријата“ соборувајќи го рекордот на Раул.

КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Лука Модриќ е првиот фудбалер со учества на ЕП и СП во три различни декади

Лука Модриќ со денешниот натпревар во дресот на Хрватска против Мароко се запиша во историјата како прв фудбалер кој играл на Европско и на Светско првенство во три различни декади.

Модриќ првиот настап на СП го имаше во 2006 година во Германија, за да сега со минатогодишното учество на ЕП и актуелното на СП во Катар заокружи настап на најголемите натпреварувања во три различни декади.

ФОТО НА ДЕНОТ: Шефе ти благодарам!

Се вчитува...